Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ23 Април 2025

Европа и Централна Азија: Забрзување на растот преку претприемништво, усвојување технологии и иновации

ВАШИНГТОН, 23 април 2025 година – Економскиот раст на економиите во развој во регионот Европа и Централна Азија веројатно ќе забави, се вели во Економскиот извештај на Светска банка за регионот, објавен денес. Развојот во регионот сега се очекува да биде 2,5% во 2025-26 како резултат на послабата надворешна побарувачка и на забавувањето во Русија.

Во 2024 година, растот во регионот се стабилизираше на 3,6% под влијание на приватната потрошувачка и со поддршка од робусниот раст на реалните плати, повисоките дознаки и растот на задолжувањето за потрошувачка со што се амортизираше послабата надворешна побарувачка како резултат на нискиот раст во Европската Унија.

Повисокото зголемување на цените на храната и на услугите резултираше со повисока инфлација која до февруари 2025 година се зголеми на 5% на годишно ниво, наспроти 3,6% на средината на 2024 година. Неодамнешното зголемување на инфлацијата предизвика неколку централни банки да ги зголемат референтните каматни стапки или да го одложат понатамошното олабавување.

„Иако земјите во регионот Европа и Централна Азија успеаја да го одржат растот во последната година, сепак глобалната несигурност, геополитичката фрагментација и слабата експанзија кај клучните трговски партнери претставуваат сѐ поголем предизвик за одржувањето на ваквиот раст,“ изјави Антонела Басани, потпретседателка на Светска банка за Европа и Централна Азија. „За да се постигне поголема економска експанзија на долг рок, критично е земјите во регионот да ги забрзаат домашните структурни реформи со кои се поттикнуваат динамичниот и иновативниот приватен сектор, претприемништвото и усвојувањето технологии.“

Централна Азија веројатно и понатаму ќе биде подрегион со најбрз раст во оваа и во следната година, дури и со намалените прогнози за растот во 2025-26 година од 4,7%. Забавувањето е резултат на послабата експанзија на нафтениот сектор во Казахстан како и на намалувањето на извозот и на нормализацијата на приливот на дознаки.

Во Јужниот Кавказ, растот се проектира во 2025-26 година да биде во просек 3,5% како резултат на понатамошното намалување на прелевањето од трговското посредување и од приливот на работна сила и капитал.

Несигурноста на трговските политики, сè поголемите трговски бариери и индиректното прелевање од синџирите на снабдување во еврозоната се очекува да влијаат врз закрепнувањето во целиот регион. Растот во Западен Балкан се очекува во 2025-26 година да се намали на 3,4%, додека Централна Европа би требало да забележи само мало подобрување до 2,7%.

Во Русија, растот во 2025-26 година се проектира да се намали на 1,3%. Растот во Турција во 2025-26 година веројатно ќе забележи умерено подобрување до 3,3% иако и понатаму ќе биде под долгорочниот тренд бидејќи надворешната побарувачка и понатаму е слаба, а продолжува и економското ребалансирање. Растот во Украина во 2025 година се очекува да се намали на 2%.

Во одделна анализа како да се забрза растот во услови на тековното предизвикувачко глобално опкружување, во извештајот се нагласува важноста на динамичниот приватен сектор. Земјите треба повеќе да инвестираат во иновации, да преземаат реформи за поддршка на младите компании, да ги продлабочат финансиските пазари и да ги зголемат инвестициите во истражување и развој понатаму фокусирајќи се на интегрирање на глобалната технологија, стручност и капитал.

За земјите со средни приходи во регионот да го постигнат статусот на земји со високи приходи, нивните економии треба да станат подинамични. Земјите што успешно транзитираа во земји со високи приходи тоа го направија со претприемачка динамика, а растот треба да го одржат преку искористување на технологијата, стручноста и капиталот за подобрување на растот на продуктивноста во фирмите.

„Иновациите и експериментирањето во бизнисот се основни за поттикнување на продуктивноста и се предуслов за постигнување и за одржување на статусот на земји со високи приходи,“ изјави Ивајло Изворски, главен економист на Светска банка за Европа и Централна Азија. „Земјите со средни приходи во регионот може да го постигнат статусот на високи приходи ако фирмите растат, иновираат и се натпреваруваат. Иако секоја земја треба да има свој сопствен пристап за оживување на растот, поттикнувањето на иновациите и овозможувањето на динамизирањето на бизнисите се основни.“

Во овој извештај се вели дека е потребно да се инвестира во млади, иновативни компании наместо во целокупниот сектор на мали и средни претпријатија (МСП), бидејќи тие компании отвораат работни места. Овој пристап треба да се поддржи со подобрување на пристапот до финансии, особено до долгорочен или ризичен капитал. Регионот нема доволно финансиски средства бидејќи ризичниот капитал и финансирањето преку издавање акции и удели и понатаму не се доволно развиени.

Зајакнувањето на конкурентноста е основно за да се овозможи појавување на такви динамични фирми. Во регионот има премногу мали, нископродуктивни бизниси и неколку големи компании што не се претпријатија во државна сопственост (ПДС) кои често доминираат на пазарот и ја задушуваат претприемачката динамика.

Потребни се и политики со кои се охрабрува иновирањето во бизнисите и усвојувањето технологии, како што се поголеми и подобро насочени поттици за истражување и развој за да им се помогне на фирмите да станат попродуктивни и поиновативни. Многу фирми во регионот сега се потпираат на реалокацијата на ресурсите работат како производствени капацитети на странски компании наместо да развиваат свои технологии.

Конечно, инвестирањето во човечкиот капитал е од суштинско значење за привлекување и за задржување на обучените работници и на претприемачите како и за создавање можности за надградба на вештините преку обуки. 

Резиме на економскиот раст во Европа и Централна Азија, 2021-26 година

(Реални стапки на раст на БДП, проценти, промена на годишно ниво)

Земја

2021

2022

2023

2024e

2025f

2026f

Албанија

9,0

4,8

3,9

3,9

3,2

3,1

Ерменија

5,8

12,6

8,3

5,9

4,0

4,2

Азербејџан

5,6

4,6

1,1

4,1

2,6

2,4

Белорусија

2,4

-4,7

3,9

4,0

2,2

1,2

Босна и Херцеговина

7,3

3,7

1,9

2,6

2,7

3,1

Бугарија

7,8

4,0

1,9

2,8

1,6

2,1

Хрватска

12,6

7,3

3,3

3,8

3,1

3,0

Грузија

10,6

11,0

7,8

9,4

5,5

5,0

Казахстан

4,3

3,2

5,1

4,8

4,5

3,6

Косово

10,7

4,3

4,1

4,4

3,8

3,8

Киргистан

5,5

9,0

9,0

9,0

6,8

5,5

Молдавија

13,9

-4,6

1,2

0,1

0,9

2,4

Црна Гора

13,0

6,4

6,3

3,0

3,0

2,9

Северна Македонија

4,5

2,8

2,1

2,8

2,6

2,7

Полска

6,9

5,3

0,1

2,9

3,2

3,0

Романија

5,5

4,0

2,4

0,9

1,3

1,9

Руска Федерација

5,9

-1,4

4,1

4,1

1,4

1,2

Србија

7,9

2,6

3,8

3,9

3,5

3,9

Таџикистан

9,4

8,0

8,3

8,4

6,5

4,9

Турција

11,4

5,5

5,1

3,2

3,1

3,6

Украина

3,4

-28,8

5,5

2,9

2,0

5,2

Узбекистан

8,0

6,0

6,3

6,5

5,9

5,9

Извор: Светска банка.

Забелешка: Проценките и прогнозите се засноваат на податоци достапни до 10 април 2025 година. e = проценка; f = прогноза; БДП = Бруто домашен производ.

СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2025/ECA/093

Контакт

Во Вашингтон
Нина Вученик
Во Брисел
Кристин Линч

Блогови

    loader image

НОВОСТИ

    loader image