УДАРНА ТЕМА

Постигнување зелен раст во Република Северна Македонија

1 Април 2013



НАЈВАЖНИ НАСТАНИ
  • Климатските промени претставуваат сериозен ризик за земјоделството, храната и за водоснабдувањето, особено во земјите во развој.
  • Зелениот раст значи постигнување економски развој без придонесување за климатските промени.
  • Напорите на земјата за постигнување зелен раст се поддржани со програма во која се обезбедуваат анализа, обука и совети за владата.

Ефектите на климатските промени се глобални, почнувајќи од повисоки температури, промени во моделот на врнежи и зголемување на нивото на морињата до почести временски катастрофи. Климатските промени се очекува најтешко да ги погодат земјите во развој, претставувајќи ризик особено за земјоделството, храната и за водоснабдувањето. Загрозени се последните придобивки во борбата против сиромаштијата, гладот и болестите како и животите и живеењето на милијарди луѓе во земјите во развој.

Зелениот раст значи унапредување на економскиот раст и развој без понатамошно придонесување за климатските промени, деградацијата на животната средина и неодржливо користење на природните ресурси. Во основа, тоа значи економски развој проследен со намалени емисии на стакленички гасови, подобрена ефикасност на енергијата и на ресурсите и заштита на биодиверзитетот.


" Одржливиот развој не е апстрактен концепт – тој е патоказ за тоа како да се постапува одговорно на национално ниво. Климатските промени наметнуваат потреба за еколошки иновативни пристапи во насока на поддршка на економскиот развој. "

Ѓорге Иванов

Претседател на Република Македонија

Како и многу други земји, Република Северна Македонија се соочува со двоен предизвик за постигнување на долгорочен економски развој, истовремено намалувајќи го придонесот за климатските промени. За да се поддржи земјата во следењето на овие цели, Светска банка и владите на Норвешка и Шведска финансираат програма со која се обезбедуваат техничка анализа, обука и совети за македонските власти.

Програмата за аналитичка и советодавна поддршка за климатските промени и зелениот развој, почната во 2011 година, се фокусира на создавањето работни места, сеопфатен раст, прилагодувањето на климатските промени, ограничувањето на емисиите на стакленички гасови и реформи на политиките и јавните инвестиции. Надоврзувајќи се на македонската Национална стратегија за одржлив развој (усвоена во 2010 година) и на обврските од пристапувањето кон ЕУ, програмата за зелен раст претставува широк напор кој опфаќа студии, анализи, техничка помош и обука.

Клучни цели на програмата се поддршка на македонските власти во:

  • Проценка на економските трошоци и придобивки од преминот кон позелен развој, имајќи ги во предвид проектираните климатски промени; а со тоа сознание и
  • Утврдување на приоритети при спроведувањето на активностите идентификувани со Националната стратегија за одржлив развој (НСОР) и надополнети со препораките на Програмата.

Главни компоненти на програмата се:

  • Анализа и моделирање: надоврзувајќи се на постојните знаења и алатки во оваа компонента ќе се проценат улогите на клучните сектори во стратегијата за зелен раст. Главните сектори се енергетиката, земјоделството, водата, транспортот и урбанизмот.
  • Техничка помош: советодавни услуги за владата и нејзините агенции врз основа на резултатите од спроведената анализа и моделирање. 

 


Api
Api

Welcome