Како и многу други земји, Република Северна Македонија се соочува со двоен предизвик за постигнување на долгорочен економски развој, истовремено намалувајќи го придонесот за климатските промени. За да се поддржи земјата во следењето на овие цели, Светска банка и владите на Норвешка и Шведска финансираат програма со која се обезбедуваат техничка анализа, обука и совети за македонските власти.
Програмата за аналитичка и советодавна поддршка за климатските промени и зелениот развој, почната во 2011 година, се фокусира на создавањето работни места, сеопфатен раст, прилагодувањето на климатските промени, ограничувањето на емисиите на стакленички гасови и реформи на политиките и јавните инвестиции. Надоврзувајќи се на македонската Национална стратегија за одржлив развој (усвоена во 2010 година) и на обврските од пристапувањето кон ЕУ, програмата за зелен раст претставува широк напор кој опфаќа студии, анализи, техничка помош и обука.
Клучни цели на програмата се поддршка на македонските власти во:
- Проценка на економските трошоци и придобивки од преминот кон позелен развој, имајќи ги во предвид проектираните климатски промени; а со тоа сознание и
- Утврдување на приоритети при спроведувањето на активностите идентификувани со Националната стратегија за одржлив развој (НСОР) и надополнети со препораките на Програмата.
Главни компоненти на програмата се:
- Анализа и моделирање: надоврзувајќи се на постојните знаења и алатки во оваа компонента ќе се проценат улогите на клучните сектори во стратегијата за зелен раст. Главните сектори се енергетиката, земјоделството, водата, транспортот и урбанизмот.
- Техничка помош: советодавни услуги за владата и нејзините агенции врз основа на резултатите од спроведената анализа и моделирање.