ВИЕНА, 25 април 2023 година—Економиите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Србија го надминаа нивото пред пандемијата и покрај негативното влијание од инвазијата на Русија врз Украина, повисоките цени на енергијата и на храната, неповолните временски услови, затегнатите финансиските услови и засилената несигурност, се вели во најновиот Редовен економски извештај за Западен Балкан, објавен денес.
Проекциите за Западниот Балкан и натаму упатуваат на умерен раст на БДП во 2023 година во регионот, кој се очекува да достигне 2,6 проценти, главно поттикнат од приватната потрошувачка и извозот, а во некои земји и од јавните инвестиции, се вели во извештајот.
Во извештајот се наведува дека регионот сега се соочува со предизвици за обнова на одбранбените механизми за да се подготви за шокови кои може да се појават во иднина и за преземање реформи на страна на понудата за да се постават темелите за поодржлив и позелен раст.
„Западен Балкан покажа исклучителна отпорност и покрај големите економски препреки,“ вели Шиаочин Ју, директорка при Светска банка за Западен Балкан. „За да продолжат со справување со кризата поттикната од повеќе економски шокови, земјите може да се насочат кон реформи со кои се поттикнува продуктивноста на среден рок, како што се забрзување на регионалната интеграција, зголемување на нивото на конкуренција на пазарот, привлекување на поквалитетни инвестиции и справување со препреките што го ограничуваат учеството на работната сила на пазарот на трудот, особено на жените.“
Се предвидува дека економијата на Северна Македонија ќе има благ пораст од 2,1% во 2022 година на 2,4% во 2023 година. И покрај брзото закрепнување по пандемијата, тековната криза предизвикана од трошоците за живот – особено од високите цени на храната и енергијата - го потисна растот во земјата и ја турна инфлацијата на највисоко ниво во последните две децении во регионот, ставајќи притисок врз јавните финансии во услови на пораст на трошоците за задолжување.
во Западен Балкан, во 2022 година, инфлацијата се искачи на највисоко ниво во последните две децении, а ценовните притисоци останаа високи и на почетокот од 2023 година, се вели во извештајот. Во повеќето земји од Западен Балкан, инфлацијата достигна највисоко ниво кон крајот на 2022 година, под влијание на зголемувањето на цените на храната и на енергијата, а сега покажува знаци на забавување, додека надворешните двигатели ослабнуваат поради забавениот светски раст. Меѓутоа, инфлаторните притисоци продолжуваат и бараат понатамошни мерки од страна на монетарната политика.
Според извештајот, повисоките цени особено тешко ги погодија домаќинствата со ниски приходи, а тоа, заедно со послабиот економски раст резултираше со многу побавно темпо на намалувањето на сиромаштијата, и покрај одредените придобивки од програмите на владите за ублажување на енергетската криза. Можните ограничувања во претстојниот период ги опфаќаат пониската надворешна побарувачка, која би можела да има негативно влијание врз приходите од извозот и да ги ограничи дознаките, како и намалениот фискален простор, кој и понатаму ја ограничува поддршката што може да им се даде на домаќинствата.
„Најсиромашните домаќинства трошат многу поголем дел од своите приходи на енергија и на храна, две ставки во потрошувачката кошничка со најголемо зголемување на цените,“ вели Сања Маџаревиќ – Шујстер, виш економист во Светска банка и главна авторка на извештајот.
„Тоа значи дека зголемувањето на реалните трошоци на живот со кои се соочуваат сиромашните во Западен Балкан е многу повисоко од она на што укажува просечната инфлација. Важно е да се земе предвид разликата кај стапките на инфлација кај различните видови домаќинства, за да се обмислат ефективни политики за заштита на најранливите и да се поттикне економскиот раст. “
И покрај растот на вработеноста, во втората половина од 2022 година, темпото на отворање нови работни места ја загуби силата во сите земји од Западен Балкан, се вели во извештајот. Вработеноста најмногу се намали во земјоделството и во јавната администрација, а индустријата и услугите, исто така, забележаа забавување. Во септември 2022 година, стапката на вработеност достигна историски највисоко ниво од 47 проценти, по што почна да опаѓа.
На среден рок, проекциите за Западен Балкан и понатаму се позитивни, иако се потребни реформи за забрзување кон зелената транзиција и справување со структурните предизвици.
„Тековната енергетска криза ја нагласи потребата за забрзување на зелената транзиција низ Европа, вклучувајќи го и Западниот Балкан.“ рече Ричард Рекорд, водечки економист во Светска банка и главен автор на извештајот. „Клучна почетна точка е да се забрза преминот кон определување на цената на јаглеродните емисии и да се зголеми користењето на фискални мерки од областа на животната средина со кои ќе се поттикнат домаќинствата и фирмите да преминат кон помала емисија на јаглерод.“
Една област за инвестирање со потенцијал за значителни економски резултати за Западен Балкан е енергетската ефикасност, се додава во извештајот. Дури и умерено подобрување на енергетската ефикасност на фирмите би довело до значително намалување на емисиите на стакленички гасови поврзани со енергијата, до подобрување на профитабилноста на фирмите, до големи социјални придобивки и до заштита од идни ценовни шокови од електричната енергија и гасот.
Контакти:
Белград, Гордана Филиповиќ, gfilipovic@worldbankgroup.org
Приштина: Лундрим Алиу, laliu1@worldbank.org
Скопје: Анита Божиновска, abozinovska@worldbank.org
Сараево: Јасмина Хаџиќ, jhadzic@worldbank.org
Тирана: Ана Ѓокутај, agjokutaj@worldbank.org
Вашингтон: Кристофер Волш, cwalsh@worldbankgroup.org