Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ6 Април 2023

Руската инвазија на Украина и кризата поврзана со трошоците за живот ги намалуваат изгледите за раст во земјите во развој во Европа и Централна Азија

ВАШИНГТОН, 6ти април, 2023 година – Економската активност во регионот на Европа и Централна Азија веројатно и оваа година и ќе биде потисната поради последиците од Руската инвазија на Украина, континуирано високата инфлација и затегнатите финансиски услови, се наведува во Економскиот извештај на Светска банка за  регионот, објавен денес.

Регионалниот раст сега се очекува да биде 1,4% во 2023 година, што е значително подобро од претходно предвидените 0,1%. Позитивната, иако длабоко потиснатата економска активност во 2023 година се должи на помало намалување на економијата на Русија и подобрување на изгледите на Украина. Регионалниот раст се очекува да се зголеми и да достигне во просек 2,7% во периодот 2024-25 согласно со очекуваното забававување на инфлацијата, закрепнувањето на домашната побарувачка и подобрувањето на надворешното опкружување.

Остриот раст на потрошувачките цени, особено за храна и енергија, доведе до нагло зголемување на средната вредност на годишната инфлација на 15,9% кон крајот на 2022 година во економиите во развој (ЕМДЕ) на Европа и Централна Азија, што е највисоко ниво за период поголем од 20 години и е највисоко ниво помеѓу сите региони во развој во светот. Инфлацијата во просек изнесуваше помалку од 4% од ЕМДЕ на Европа и Централна Азија пред да почне да се зголемува во 2021 година.

Изгледите се сѐ уште многу несигурни. Растот во 2023 година може да биде послаб доколку инвазијата на Русија врз Украина дополнително ескалира, цените на храната и енергијата продолжат да растат, зголемувањата на каматните стапки забрзаат на глобално ниво или во регионот или доколку има ненадејно менување на правецот на тековите на капитал во регионот. Тековните случувања во банкарскиот сектор во дел од напредните економии може исто да влијаат на растот во регионот.

Економијата на Украина е проектирана да расте со стапка од 0,5% оваа година, по исклучителното големо намалување од 29,2% во 2022 година, годината на инвазијата на Русија врз земјата. Иако економските тешкотии кои ги трпи Украина како резултат на инвазијата се огромни, сепак повторното отворање на украинските пристаништа на Црното море и обновувањето на трговијата со житарки, како и значителната поддршка од донаторите помагаат ја поткрепуваат економската активност оваа година. Според неодамнешните проценки на Светска банка, трошоците за обнова и закрепнување на Украина сега се пораснати на 411 милијарди американски долари, што е два пати поголемо од економијата на Украина пред војната во 2021 година.

Турција доживеа два разурнувачки земјотреси на 6ти февруари 2023 година, кои според проценките на Светска банка предизвикаа директна штета од околу 34,2 милијарди американски долари или 4 проценти од БДП на земјата во 2021 година,. Вистинските трошоци за целосно закрепнување и обнова би можеле да бидат два пати поголеми од директната штета. Вклучувајќи го влијанието на неодамнешните земјотреси, растот е проектиран на 3,2% во 2023 година, со постепено зголемување до просечно ниво од 4,2% во периодот 2024-25 година, поткрепено со владина поддршка на домаќинствата и инвестициите за време на тековните напори за обнова и реконструкција.

Во услови на бавен раст и висока инфлација, извештајот содржи дел со посебен фокус на кризата поврзана со трошоците за живеење, каде што се испитува влијанието на високата инфлација врз животниот стандард на луѓето во регионот.

„Инфлацијата ги намалува реалните приходи на луѓето – а високото ниво на инфлација ги погодува најсиромашните многу повеќе отколку најбогатите делови на населението“ изјави Иваило Изворски, главен економист на Светска банка за регионот Европа и Централна Азија. „За подобра заштита на ранливите групи и поттикнување на економски раст, креаторите на јавните политики треба да ги имаат предвид променливите влијанија на инфлацијата во однос на различните нивоа на приходи и да користат попрецизни показатели за мерење на колку навистина чинат високите цени од аспект на најсиромашните.”

Владите ширум регионот одговорија на кризата поврзана со трошоците за живеење со социјална помош и субвенции, во вид на мораториум на зголемувањата на цената на енергијата, намалени надоместоци за јавен транспорт и ограничувања на цените за електрична енергија и природен гас за домаќинствата и бизнисите.

Меѓутоа, анализата во извештајот ја открива нееднаквата тежина на кризата поврзана со трошоците за живеење. Извештајот утврдува дека инфлацијата беше 2 процентни поени повисока за најсиромашните 10 проценти од населението во споредба со најбогатите 10 проценти од населението. Оваа разлика надмина 5 процентни поени во некои земји во регионот, вклучувајќи ја Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија.

Јавните политики кои не ги земаат предвид различните стапки на инфлација со кои се соочуваат домаќинствата, веројатно нема да обезбедат соодветна помош на ранливите групи и на крајот може да бидат неефикасни и помалку делотворни, заклучува извештајот. Во извештајот се препорачува да се анализира повеќе од стандардниот индекс на потрошувачки цени (ЦПИ) при мерење на инфлацијата со цел попрецизно да се согледаат вистинските трошоци за живеење на најсиромашните. Ова е од суштинско значење при дизајнирањето на политики за подобар раст и намалување на сиромаштијата.

СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2023/ECA/91

Контакт

Во Вашингтон
Индира Чанд
+1 (703) 376-7491
Во Вашингтон
Ејми Стилвел
+1 (202) 294-5321

Блогови

    loader image

НОВОСТИ

    loader image