Виена, 4-ти мај, 2022 година – Шесте земји од регионот на Западен Балкан се соочуваат со нови економски предизвици, и покрај - подоброто од очекуваното - закрепнување од рецесијата предизвикана од Ковид – 19 пандемијата, се вели во најновиот Редовен економски извештај за Западен Балкан (21-ви во серијата).
Растот на БДП во регионот достигна 7,4 отсто во 2021 година, по намалувањето од 3,2 отсто во 2020 година. Ова враќање на растот забележа значително отворање нови работни места, при што побарувачката за труд помогна да се намали сиромаштијата во сите шест економии од Западен Балкан. Во 2021 година, стапката на вработеност во Западен Балкан се зголеми на историски највисоко ниво од 45,8 отсто, пред се, предводена од закрепнувањето на вработеноста во Србија и Косово.
Во Северна Македонија, растот беше предводен од силно закрепнување на потрошувачката, потпомогнато од фискалниот стимулус и враќањето на побарувачката, како и од релаксирањето на ограничувањата за движење и патување. Стапката на невработеност достигна историски најниско ниво во земјата и сиромаштијата го продолжи трендот на опаѓање.
Сепак, закрепнувањето по пандемијата запре, бидејќи војната во Украина предизвикува шокови низ целиот регион. Растот за регионот на Западен Балкан сега се предвидува на 3,1 отсто во 2022 година и 2,7 отсто за Северна Македонија.
„Економиите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, забележаа солидно закрепнување на растот во 2021 година, но сега се соочуваат со нови предизвици поради војната во Украина, со зголемени цени на суровините, нарушувања во трговијата и инвестициските текови, како и зголемени финансиски трошоци“, вели Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово. „Со заострување на трошоците за финансирање, Северна Македонија ќе треба да ги приоритизира трошењата и да го зајакне прибирањето на даноци, со цел да ги намали грижите за одржливоста на долгот“.
Надолните ризици за економските изгледи на регионот се загрижувачки. Проширување на конфликтот или продолжена војна во Украина може да предизвика дополнителни нарушувања на глобалната трговија, како и на цените на енергијата и храната. Може да се појават ризици за рефинансирање доколку условите на надворешниот финансиски пазар продолжат да се заоструваат. Одржливоста на долгот може да стане позагрижувачка ако ограничениот фискален простор дополнително се намали со одговор на повисоките цени на енергијата и храната во услови на зголемени трошоци за рефинансирање.
„Во такво опкружување, владината политика треба да се фокусира на градење отпорност и на преземање на структурни реформи за да го поддржи растот и да управува со кризата“, вели Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист на Светска банка и ко-автор на извештајот. „Со ограничен фискален простор, земјите ќе треба внимателно да ги балансираат трошоците и придобивките од новите обврски за фискална поддршка, како одговор на повисоките цени на енергијата и храната, давајќи им приоритет на најранливите домаќинства“.
Во контекст на енергетската криза во Европа, извештајот, исто така, дава оценка за ранливоста на земјите од Западен Балкан на шокови предизвикани од цените на енергијата, мерки усвоени од владите за ублажување на влијанијата и гледано нанапред, како кризата може да влијае на транзицијата кон зелена енергија.
„Во одговор на актуелната енергетска криза и обезбедувањето на заштита на најранливите домаќинства и фирми, Западен Балкан не треба да ги изгуби од вид своите долгорочни цели за постигнување енергетска безбедност и отпорност како дел од агендата за зелени реформи“, додава Ричард Рекорд, водечки економист на Светска банка и ко- автор на извештајот.
Според извештајот, одржливиот раст не може да се случи без структурни реформи за зајакнување на продуктивноста, зголемување на конкуренцијата, инвестирање во човечки капитал и зајакнување на управувањето. Мерките за намалување на деловните регулаторни трошоци, зголемување на пазарната конкуренција, поддршка на учеството на пазарот на труд и зајакнување на независноста на јавните институции, сето тоа претставува поддршка за раст во несигурно опкружување.