ВАШИНГТОН, 30-ти март, 2021 година – Според најновото издание на економскиот извештај на Светска банка за регионот, објавен денес, се очекува економиите на растечките и на земјите во развој од регионот на Европа и Централна Азија оваа година да остварат раст од 3.6 проценти, благодарејќи на заздравувањето на извозот и стабилизирањето на цените на индустриските производи, што делумно го неутрализира возобновувањето на пандемијата кон крајот на 2020 година и неодамнешното зголемување на нови случаи.
Скромниот раст во 2021 следи по падот од 2 проценти во 2020 година заради нарушувањата предизвикани од КОВИД. Економскиот пад беше помал од очекуваното заради посилно од предвиденото закрепнување на Турција и отпорноста на Русија, како две најголеми економии во регионот. Закрепнувањето на индустриското производство, зголемената побарувачка за извоз, повисоките цени на суровините и фискалната и монетарната поддршка придонесоа за овој исход.Најтешко се погодени економиите кои во голема мера се зависни од услугите и туризмот, имајќи предвид дека мерките за социјално дистанцирање и ограничување на движењето доведоа до подолготрајни слабости.
Регионалниот раст се очекува да достигне 3,8 проценти во 2022 година, со постепено слабеење на ефектите од пандемијата и со забрзување на растот на трговијата и инвестициите. Сепак, ваквите изгледи остануваат неизвесни и растот може да биде послаб доколку слабеењето на пандемијата трае подолго од очекуваното; вакцинацијата се одложува, условите за надворешно финансирање се влошуваат како резултат на порастот на глобалните каматни стапки или влошување на расположението на инвеститорите или поради геополитичките тензии.
Се очекува пандемијата да избрише најмалку пет години добивка по глава на жител во неколку економии во регионот и да го зголеми бројот на сиромашните, главно поради загубите на работни места. Генерално, и покрај обновата на растот, закрепнувањето на бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител е (по)благo и e под трендовите пред пандемија.
„Пандемијата и понатаму фрла сенка врз економската активност во Европа и Централна Азија. Сепак, додека креаторите на политики се справуваат со краткорочните влијанија врз здравјето, образованието и економијата, тие треба да ја искористат можноста да се справат со долгорочните предизвици за зголемување на продуктивноста, градење на поинтензивен приватен сектор, подобрување на институциите и придвижување кон позелени и инклузивни економии, со помала емисија на јаглерод “, вели Ана Бјерде, потпретседателка на Светска банка за Европа и Централна Азија.
Основно за постигнување на овие долгорочни развојни цели е доброто управување. Пандемијата ја истакна потребата за добро управување, имајќи ја предвид важната улога што ја одиграа владите ширум светот во ублажувањето на здравствените, економските и социјалните влијанија на вирусот. Мерките вклучуваа од ограничувања на движење за контрола на ширење на инфекцијата до програми за вакцинација, пакети за помош за да се заштитат поединците и деловните субјекти од економските последици на пандемијата, како и изнаоѓање методи за виртуелно учење за милиони деца на училишна возраст.
Во Европа и Централна Азија, доброто управување е уште поважно со оглед на историски големата улога на владите во обликувањето на економијата. Државните расходи во регионот претставуваат скоро 40 проценти од економијата, а владите вработуваат повеќе од една четвртина од најобразованите и најпродуктивните работници во регионот, при што жените чинат 57% од вработените во јавниот сектор. Улогата на владите во земјите од регионот, најверојатно дополнително ќе се зголеми во следните години, главно водена од потребата за проширување на здравствената и долгорочната грижа за населението кое старее, како и јавната поддршка на владините интервенции за справување со нееднаквоста и, во услови на КОВИД, подобрување на здравствените и образовните системи.
Во посебна анализа на тема „Податоци, дигитализација и управувањето во Европа и Централна Азија“, извештајот ја анализира потенцијалната улога на податоците и дигитализацијата во подобрувањето на управувањето во регионот.
„За ефикасно решавање на предизвиците што ги носи КОВИД-19, подобрувањето на управувањето во регионот станува уште поважно“, вели Асли Демиргич-Кунт, главна економистка на Светска банка за Европа и Централна Азија. „Дигиталната технологија и информациската револуцијата нудат потенцијал за зголемување на ефикасноста, транспарентноста, одговорноста и довербата на граѓаните, а сето тоа директно го подобрува квалитетот на управувањето “.
Информациите го поставуваат темелот за подобрено донесување одлуки, оптимизирано функционирање на владата и поефикасно распределување на ресурсите, додека дигитализацијата ги зајакнува овие процеси и овозможува поголема ефикасност и транспарентност.
За проширување на влијанието на информациската револуција, неопходна е зајакнување на дигитализацијата на владата и координација на децентрализираните системи на податоци низ институциите. Квалитетот на владата се повеќе се информира од степенот до кој владите ги користат дигиталните алатки и ја применуваат технологијата во владините практики за подобрување на управувањето, обезбедувањето услуги и севкупниот државен капацитет. Владите треба да применуваат стимулативни мерки за да го поттикнат усвојувањето и прилагодувањето на системите за податоци во рамките на државната служба.
Информациската револуција и дигитализацијата исто така нудат можност за зајакнување на довербата преку поттикнување на ефективна соработка помеѓу владите и граѓанското општество. Еден од најперспективните механизми за тоа се Отворени владини податоци, кои ги намалуваат трансакциските трошоци за прибирање, анализа и дисеминација на податоци од јавниот сектор и овозможуваат посеопфатен увид во квалитетот на управување. Овозможувањето отворен пристап до владините податоци може исто така да помогне во спречување на ширење дезинформации и погрешни информации преку социјалните мрежи. Промовирање на директни механизми за повратни информации меѓу граѓаните и владата не само што го подобрува обезбедувањето јавни услуги, туку исто така гради доверба и легитимитет.
Извештај можете преузети овде.
За више информација о претходним издањима Економских новости за регионот, кликните овде.