ВАШИНГТОН, 8 април 2020 година - Одлучувачки мерки, кои ќе стават приоритет на инвестициите во здравствените системи и обезбедување на соодветна социјална заштита за луѓето, особено најранливите, се клучни за намалување на негативните влијанијата од пандемијата Ковид-19 (коронавирус) во Европа и Централна Азија, се вели во пролетниот Економски извештај 2020 за регионот.
Покрај тоа, земјите во регионот можат да помогнат во одржувањето на економската активност преку поддршка на приватниот сектор со поволни деловни кредити, намалување на даноците или одложувања за плаќањето на некои даноци. Малите и средни претпријатија кои се погодени, би можеле да имаат значителна корист од таргетирани владини субвенции.
„За време на овој исклучително тежок период, од особено значење е креаторите на политики да постапуваат решително“, вели Сирил Мулер, потпретседател на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија. „Ова значи одлучни мерки за зајакнување на здравствените системи и системот на социјална заштита, поддршка на приватниот сектор и зачувување на финансиската стабилност и доверба – аспекти кои се клучни за животот на луѓето“.
Проекциите за економските последици од Ковид-19 се проследени со значителна неизвесност. Затоа, извештајот вклучува повеќе симулации за да се претстават различните сценарија во поглед на растот на економијата кои би можеле да се случат како резултат на пандемијата. *Сценаријата сугерираат дека регионот ќе западне во рецесија во 2020 година, со негативен раст кој ќе се движи помеѓу - 4,4 и - 2,8 проценти, како резултат на пандемијата од коронавирусот, а во 2021 година се очекува закрепнување кое ќе биде резултат на мерките за поддршка на економијата кои се воведуваат, закрепнувањето на глобалните цени на суровините и зајакнување на трговијата.
„Социјално дистанцирање и привременото затворање на бизнисите кои не се есенцијални како и на училиштата, се потребни мерки за да се спречи ширењето на пандемијата и да се спасат што повеќе животи", вели Асли Демиргуч-Кунт, главен економист за регионот на Европа и Централна Азија при Светска банка. „Во исто време, треба да се спроведуваат и политики за да се минимизираат економските трошоци на овие мерки и да се создадат услови за побрзо закрепнување, а не негово пролонгирање, штом пандемијата ќе заврши “.
Мерките за поддршка, како што се директни трансфери на средства или субвенции за здравствена заштита, наменети за помош на ранливите граѓани и нивните семејствата, како и поволни деловен кредити и даночните олеснувања, ќе бидат клучни за ублажување на падот и зачувување на работните места, се вели во извештајот.
Пандемијата Ковид-19 се случува во и онака кревко време за регионот. Растот на земјите во развој од регионот на Европа и Централна Азија се намали на 2,2 проценти во 2019 година. Од февруари, регионот се соочува и со сѐ поголема битка за да се справи како со непосредната здравствена криза, така и со долгорочните предизвици што ги предизвика глобалната пандемија.
Групацијата на Светска банка презема широка, брза акција за да им помогне на земјите во развој да го зајакнат нивниот одговор на пандемијата, да го подобрат надгледувањето на болеста, да ги подобрат интервенциите во јавното здравство и да му помогнат на приватниот сектор да продолжи да работи и да се одржат работни места. Со имплементирање на финансиска поддршка од 160 милијарди долари во текот на следните 15 месеци ќе им се помогне на земјите да ги заштитат сиромашните и ранливите категории, да ги поддржат бизнисите и да го зајакнат економското закрепнување.
Северна Македонија
Растот во 2019 година од 3,6 проценти изненади во нагорна линија и невработеноста се намали на уште едно историско ниско како резултат на зголемувањето на вработеноста. Сепак, краткорочната перспектива - слично на другите земји во регионот - е негативна поради кризата поврзана со КОВИД-19, која ќе предизвика рецесија во 2020 година. Пандемијата и мерките за ограничување на дрижењето ќе влијаат врз економијата како на страна на побарувачката така и на страната на понудата. Ако епидемијата и рестриктивните мерки на национално и глобално ниво продолжат и во вториот квартал, рецесијата ќе биде потешка и ќе ги елиминира подобрувањата на пазарот на трудот од последните години и ќе ја продлабочи фискалната ранливост.
Економските и социјалните мерки за ублажување на влијанието од кризата ќе бидат приоритетни додека пандемијата не се стави под контрола, но во периодот на закрепнување по рецесијата ќе бидат потребни дополнителни фискални реформи, реформи во конкурентноста и во управувањето со јавите политики за одржливо забрзување на економскиот раст. Светската банка ја финализира програмата на активности за да ѝ помогне на Северна Македонија да се справи и да го намали влијанието од кризата, што вклучува и нов брз проект како одговор на итните приоритети во здравствениот сектор, но и за заштита на приходите на домаќинствата, како и реструктуирање на веќе одобрени проекти за мобилизирање на средства за поддршка на малите и средни претпријатија. Се очекува овие програми да изнесуваат околу 140 милиони евра.
* Сценаријата во извештајот се засноваат на податоци заклучно со 20 март 2020 година.