Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ 2 Април 2020

486 милиони долари финансирање од Светска банка за земјите од регионот на Европа и Централна Азија, наменети за справување со влијанието од КОВИД-19 врз здравството, економијата

Вашингтон, 2-ри април, 2020 — Земјите од регионот на Европа и Централна Азија ќе можат да ги користат брзите средства и друго финансирање за помош во ублажување и решавање на влијанијата од КОВИД -19 (коронавирус) пандемијата, како дел од првичниот глобален пакет за одговор при итни случаи, одобрен денес од Бордот на извршни директори при Светска банка.

Дваесет и пет земји во светот ќе добијат близу 2 милијарди долари од првиот пакет на финансирање во рамките на КОВИД – 19 брзите средства на Светската банка, вклучително и две земји од регионот на Европа и Централна Азија. Таџикистан и Киргистан ќе добијат, 11.3 милиони и 12.15 милиони долари, соодветно.

Дополнително, неколку земји од регионот добиваат поддршка од Светска банка преку други средства за финансирање, вклучително и рано исплаќање или реструктуирање на постојни проекти и заеми. Во Киргистан, 9 милиони долари се прераспределени преку Проектот за зголемување на отпорноста во Киргистан за набавка на 20 целосно опремени амбулантни возила, мобилна опрема и опрема за лична заштита. Романија повлече 400 милиони евра (околу 441 милиони долари) од специјалната креднитна линија за катастрофи (CAT-DDO). Казахстан реструктуираше дел од Проектот за социјално здравствено осигурување за да обезбеди 10 милиони долари за клучна медицинска опрема. Ерменија користи 3 милиони долари за финансирање на набавка на опрема за интензивна нега и лична заштита за здравствените работници.

„Како никогаш до сега земјите од регионот на Европа и Централна Азија, како и оние од останатите делови на светот, се соочуваат со вонредна состојба во здравството, која има непосредни социјални и економски импликации “, рече Сирил Мулер, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија. „Светска банка одговара со сите средства и финансирања кои ги има на располагање за да им помогне на земјите во нивните напори да го ублажат влијанието врз животот на луѓето“.

Моментално, над десет земји од регионот на Европа и Централна Азија разгледуваат проекти со Светска банка за да помогнат во ублажување и решавање на влијанието од пандемијата КОВИД -19.

„Работиме заедно со владите во регионот за да ја намалиме загубата на животи, да го зајакнеме здравствениот систем и да ги ублажиме економските последици“,  рече Ана Бјерде, претстојна потпретседателка на Светска банка за Европа и Централна Азија. „Овој прв пакет на финансирање претставува моментален напор да се спасат животи денес и преку последователните фази,  да се заштитат работните места и егзистенцијата на луѓето утре“.

До сега, КОВИД -19 одговорот на Светска банка во регионот на Европа и Централна Азија ги вклучува следните земји:

Таџикистан – 11.3 милиони долари преку брзо финансирање ќе помогне во проширување на капацитетот за интензивна нега преку опрема, материјали и обука, како и поддршка на координацијата и комуникацијата со јавноста. Најранливите домаќинства исто така ќе бидат заштитени со привремена социјална помош.

Киргистан – 12.15 милиони долари преку брзо финансирање ќе помогне во итните потреби на здравствената заштита, вклучително и набавка на медицинска опрема, опрема за лична заштита и комплети за тестирање, како и опремување на одделите за интензивна нега. Дополнително, 9 милиони долари се прераспределени преку тековниот Проект за зголемување на отпорноста во Киргистан за набавка на 20 целосно опремени амбулантни возила, мобилна опрема за тимовите за брза реакција и опрема за лична заштита за изложениот медицински персонал.

Романија - Исплата од 400 милиони евра (околу 441 милиони долари) ќе ѝ помогне на земјата да ја  зголеми покриеноста на примарната здравствена заштита, особено за недоволно опслужената  популација и да ја подобри ефикасноста на трошењето во здравството.

Казахстан - 10 милиони долари помогнаа да се стават на располагање 236 уреди за вештачка пулмонална вентилација (ВПВ), неопходни за лекување на поголем број лица со потврдена дијагноза КОВИД-19 во регионите на Казахстан, а има планови да се обезбеди и дополнително финансирање за уште 123 ВПВ уреди.

Ерменија – со 3 милиони долари се финансира набавката на опрема за интензивна нега и лична заштита на изложените здравствени работници во поддршка на справувањето со тешки акутни респираторни инфекции кај лица со потврдена дијагноза КОВИД-19.

Групацијата Светска банка подготвува брз пакет вреден 14 милијарди долари за да го зајакне одговорот на КОВИД-19 во земјите во развој и да го скрати времето за закрепнување. Моменталниот одговор вклучува финансирање, совети за политики и техничка помош за да им се помогне на земјите да се справат со здравствените и економските влијанија од пандемијата. IFC обезбедува финансирање од 8 милијарди долари за да им помогне на приватните компании погодени од пандемијата и зачувување на работните места. IBRD и IDA обезбедуваат првични 6 милијарди долари достапни како одговор на потребите во здравството. Бидејќи на земјите им е потребна поголема поддршка, Групацијата Светска банка ќе распореди до 160 милијарди долари во текот на 15 месеци за да ги заштити сиромашните и ранливите, да ги поддржи бизнисите и да го зајакне економското закрепнување.


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2020/ECA/73

Контакт

Washington
Carl Hanlon
chanlon@worldbank.org
Api
Api