БЕЛГРАД, 4 октомври, 2018 – Според најновиот Редовен економски извештај за земјите од Западен БАлкан насловен Повисок, но кревок раст, растот во регионот на Западен Балкан се проценува дека ќе зајакне, достигнувајќи 3,5 проценти во 2018 година. Проценето е дека растот во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, ПЈР Македонија, Црна Гора и Србија ќе биде помеѓу 2,5 до 4 проценти.
И додека вработеноста исто така се зголеми во пет од шесте економии во регионот, 91,400 нови работни места кои беа создадени во периодот помеѓу јули 2017 и јули 2018 година, беа значително помалку од 214,000 од претходната година. Повеќето нови работни места се создаваат во индустријата и услужниот сектор.
„Низ целиот регион гледаме раст поддржан од јавни инвестиции и потрошувачка“, вели Линда Ван Гелдер, регионален директор за земјите од Западен Балкан при Светска банка. „ Земјите во кои се зголемија приватните инвестиции имаа побрз раст. Иако нетаргетираната социјална потрошувачка и платите во јавниот сектор имаа позитивно влијание врз растот на краток рок, сепак тие ја зголемуваат фискалната ранливост. Зголемувањето на приватните инвестиции и извозот претставуваат поодржлив начин за раст“.
Во повеќето земји од Западен Балкан, високиот и растечки јавен долг е придружен со фискални и надворешни неурамнотежености, правејќи ги перспективите ранливи на зголемување на трошоците за финансирање, доколку дојде до заострување на финансиските пазари. Затоа, одржување на долгорочен раст бара реформи кои ги ослободуваат приватните инвестиции и извозот.
Извештајот, исто така, повикува на поголема економска интеграција за да се промовира повисок, одржлив раст и поттикне создавањето на работни места. Потребна е зголемена интеграција помеѓу земјите од Западен Балкан со фокус на трговијата, инвестициите, мобилноста и дигиталната интеграција со цел поттикнување на растот, надминување на малите и фрагментирани национални пазари и обезбедување на долгорочна економска стабилност.