Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ 19 Март 2018

231,000 нови работни места во земјите од Западен Балкан, во услови на тековни економски предизвици и емиграција

Виена 19 Март, 2018 година- Зголемувањето на вработеноста во текот на минатата година за 3,9 проценти доведе до создавање на 231.000 нови работни места низ шесте земји од Западен Балкан, се вели во извештајот "Трендовите во пазарот на труд во Западен Балкан 2018" објавен денеска од страна на Светска банка и Виенскиот Институт за меѓународни економски студии (WIIW). Невработеноста, исто така, се намали од 18,6 проценти на 16,2 проценти, достигнувајќи историски ниски нивоа во некои од земјите.

Косово е лидер во регионот, со зголемување на вработеноста од  9,2 проценти, по што следат Србија (4,3 проценти), Црна Гора (3,5 проценти), Албанија (3,4 проценти), ПЈР Македонија (2,7 проценти) и Босна и Херцеговина (1,9 проценти). Сепак, и покрај напредокот, ниските стапки на активност - особено кај жените и младите - заедно со високите стапки на долгорочна невработеност и преваленцата на неформална работа, продолжуваат да наметнуваат предизвици врз одржливиот економски раст во регионот.

„Регионот направи големи чекори во подобрувањето на резултатите на пазарот на трудот во текот на минатата година - што значи дека повеќе луѓе наоѓаат работа“, вели Линда ван Гедер, директор на Светската банка за Западен Балкан. „Сепак, и понатаму забележуваме високи стапки на луѓе кои не се вработени, кои не се уклучени во образованието или во програмите за обука и потребно е да најдеме начини за нивно поврзување кон идните можности“.

Невработеноста кај младите од 37,6 отсто е клучен предизвик за регионот. Сепак, оваа стапка е намалена од минатата година и речиси секоја земја во регионот се соочува со најниски нивоа на невработеност кај младите од 2010 година. Стапките се движат од  29 проценти во Црна Гора и Србија, до повеќе од 50 проценти во Косово. Според извештајот, претставува предизвик за младите луѓе кои подолго време биле одвоени  од работните места или образовниот процес, да се реинтегрираат на пазарот на труд. Тие, исто така, се соочуваат со разлики во платите, заработувајќи до 20 проценти помалку од оние што поскоро наоѓаат работа.

Во извештајот, исто така, се забележува дека стапките на вработеност на жените се во пораст, но сепак тие остануваат ниски според европските стандарди. Стапката на вработеност кај жените во регионот изнесува 43,2 проценти,  движејќи се од ниски 13,1 проценти во Косово до високи 52,3 проценти во Србија. Родовиот јаз во вработувањето, исто така, се намали од 2010 година, и се движи од 28,9 процентни поени во Косово до 9,8 процентни поени во Црна Гора.

„Економските трендови во регионот се чини дека се движат во вистинската насока“, вели Роберт Стехрер, научен директор на Виенскиот Институт за меѓународни економски студии. „Вработувањето на повеќе луѓе, особено на младите и жените, останува еден од клучните предизвици во регионот за одржување на економската и социјалната конвергенција.“

Потребно е да се посвети внимание на голем број пречки за вработувањето за да се намали тековната емиграција од регионот, особено кај младите, образовани луѓе. За тоа да се случи, потребно е понатамошно знаење. Земјите во регионот треба да ги синхронизираат своите податоци за емиграцијата и да ја подобрат регистрацијата и објавувањето на статистичките податоци за миграцијата. Со користењето на висококвалитетни податоци што се во согласност со меѓународните стандарди за составот на работната сила- во земјата и интернационално - ќе се добие точна анализа за динамиката на пазарот на трудот во регионот и ќе овозможи дизајнирање на политики, кои истовремено можат да се справат со предизвиците на емиграцијата и да ги искористат придобивките од миграцијата.

Подоброто поврзување на средношколците со пазарот на труд, како и претходните интервенции за задржување на студентите, може да ги подобри можностите за вработување. Политиките, како што се грижата за деца, установи за грижа за постари лица, флексибилни работни договори и повеќе работни места со скратено работно време, исто така, ќе ја промовираат интеграцијата на жените на пазарот на труд.

Извештајот е изработен со финансиска поддршка на Министерство за финансии на Австрија.

 


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ: 2018/ECA/77

Контакт

Вашингтон
Џон Македон
jmackedon@worldbank.org
Скопје
Анита Божиновска
abozinovska@worldbank.org
Api
Api