Виена, 30 ноември 2017 година – Ќе бидат потребни шест децении за нивоата на приход во земјите од Западен Балкан да ги достигнат оние на Европската Унија (ЕУ), ако економиите во регионот продолжат да растат со просечна брзина постигната помеѓу 1995 и 2015 година, се вели во новиот извештај на Светска банка.
Извештајот Западен Балкан: Покренување на моторите за раст и просперитет, објавен денес во Виена, разгледува како Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија – шесте земји на Западен Балкан – можат да го забрзаат економскиот раст и постигнат побрза конвергенција на приходите со ЕУ.
„Во изминатите години, земјите од Западен Балкан направија напори во реформи на јавните финансии и поттикнување на економскиот раст, но можеби граѓаните се уште не ги почувствувале бенефитите од овој прогрес“, рече Линда Ван Гелдер, директор за Западен Балкан при Светска банка. „Фокусот на структурни реформи може да го забрза економскиот раст и зајакне приходите, така што нивото на приходи ќе го достигне она на Европската Унија“.
Реформите и макроекономската стабилност, кои може да овозможат просечно ниво на раст од 5 проценти годишно, би им овозможиле на земијте од Западен Балкан да конвергираат кон ЕУ за само две децении, место за шест, се вели во извештајот.
Додека просечниот раст во регионот од 5-6 проценти на годишно ниво во годините пред 2008 беше побрз од оној во Европа и светот, растот се преполови по глобалната финансиска криза – успорувајќи го предкризното конвергирање на земјите од Западен Балкан со животниот стандард на ЕУ и повикувајќи на нов модел на раст базиран на повисока продуктивност и инвестиции, поголем извоз и поголем улога на приватниот сектор.
„Растот кој го гледаме во регионот во годините пред глобалната финансиска криза е доказ за севкупниот економски потенцијал на Западен Балкан“, рече Харалд Ваиглеин, генерален директор на одделот за економски политики, финасиски пазари и царини при Министерството за финансии на Австрија, кој даде воведен говор за време на денешната објава на извештајот. „Сега клучно е да се даде приоритет на политиките кои ќе ги поттикнат инвестициите во приватниот сектор, ќе помогнат во продлабочување на регионалната интеграција и ќе создаваат работни места“.
Според извештајот, зголемување на извозот, инвестициите и вработувањето се приоритетни области за креаторите на политиките.Посилна регионална интеграција може да помогне во зголемување на извозот како дел од БДП, кој треба да биде двојно поголем со цел да дојде до нивото на останатите мали економии кои сега се дел од ЕУ, додека приватните инвестиции во земјите каде јавниот сектор е се уште главен двигател на економијата, ќе треба да се зголемат. Ниското и споро растечко ниво на продуктивноста во Западен Балкан повикува на подобрувања во бизнис средината која може да привлече приватни инвестиции и поттикне раст на претпријатијата.
Стапката на невработеност во регионот е скоро два пати повисока од онаа во малите економии кои сега се дел од ЕУ. Со половина од работоспособно население во регионот кое бара работа и четвртина од оние кои бараат работа и не ја наоѓаат, потребата од зголемување на партиципацијата на пазарот на труд во регионот останува клучна. Toa може да се направи со решавање на дестимулациите за работа, а истовремено отстранување на бариерите до вработување со кои се соочуваат постарите работници, млади, жени и малцинства.