Сараево, 26 мај 2014 година – Економиите на Југоисточна Европа почнаа со закрепнување од рецесијата во 2012 година, со раст од 2,2 проценти во просек за 2013 година, се вели во најновиот Редовен економски извештај за Југоисточна Европа (РЕИ ЈИЕ). Гледајќи нанапред, извештајот вели дека е предвидено регионот да има раст од 1,9 проценти во 2014 и 2,6 проценти во 2015, благодарение на растечката надворешна побарувачка, но значителни ризици ги затемнуваат изгледите, вклучително очекуваното влијание од неодамнешните поплави во регионот.
Тешките поплави, особено во Босна и Херцеговина и Србија, кои се случија во средината на месец мај предизвикани од силните дождови, предизвикаа хуманитарна криза со десетици загинати и милиони раселени или оставени без пристап до вода или електрична енергија. Домови, земјоделски култури и добиток се изгубени, а исто така главните транспортни поврзувања се прекинати. Поплавите несомнено ќе имаат негативно влијание врз растот во 2014 година, иако се уште е рано да се мери вкупното влијание. Проценката на штетата и потребите за реконструкција започнаа, додека почетните хуманитарни дејности продолжуваат.
Во 2013 година, секоја од шесте земји на Југоисточна Европа забележа стапка на позитивен раст, со раст од 3 проценти или повеќе во Косово, Македонија и Црна Гора. Во сите земји, добрата година за земјоделството и растот во индустријата ја поддржаа економската активност во регионот.
“Во 2013 година, Југоисточна Европа започна да заздравува од рецесијата“, вели Елен Голдстин, директор за Југоисточна Европа при Светска банка. “Економскиот раст беше можен благорарение на зголемената побарувачка за регионален извоз од високо развиените земји, особено од оние во Европската унија (ЕУ). Катастрофалните поплави во средината на мај претставуваат хуманитарна катастрофа за неколку земји од Југоисточна Европа и ќе имаат влијание врз економското закрепнување во следните неколку години на начин кој се уште треба целосно да се оцени“.
Според извештајот, извозот се зголеми за скоро 17 проценти во 2013 година, предводен од забрзувачкиот раст на извозот во Србија. Големо зголемување во 2013 година дојде од извоз на машинерија и опрема за транспорт, главно од Србија и Македонија. Во меѓувреме, извозот на минерални горива беше особено значаен во Албанија и Црна Гора, а основните метали преставуваа четвртина од извозот на Косово во 2013 година.
Спротивно на тоа, домашната побарувачка на регионот се намали во 2013 година. Забележувајќи го ова, Голдстин вели “Ги поттикнуваме земјите од Западен Балкан да се префрлат од модел на раст предводен од внатрешна побарувачка на оној предводен од извозот, кој води кон поголема интеграција на европските и глобални пазари. Со закрепнувањето кое е во тек, сега е време за фокусирање на создавање инвестициска клима предводена од извозно ориентиран раст и подобрено поврзување“.
Домашната побарувачка беше дополнително потисната со намалување на дознаките во регионот во 2013 година, што го рефлектира се уште слабото економско заздравување и доминантната висока невработеност во земјите на ЕУ. Со малку нови работни места, дознаки кои се во опаѓање, и огранично кредитирање на економијата, домашните приходи и профитите на компаниите не беа во можност да ја поттикнат домашната потрошувачка или инвестициите во регионот.
“Севкупно земено, додека закрепнувањето донесе раст, земјите во регонот имаат ограничен успех во конвертирање на економското закрепнување во создавање на работни места“, вели Галина А. Винчелете, главен економист и еден од авторите на извештајот. “Невработеноста остана се уште висока во регионот и изнесува во просек повеќе од 24 проценти во 2013 година. Постојаните високи стапки на невработеност и хронична невработеност се особено распространети помеѓу ранливите групи, како што се младите, жените и неквалификуваните“.
Во извештајот се вели дека предизвиците остануваат и потребна е акција во финансиските и фискални сектори. Прилагодување на високите и се уште растечки нефункционални кредити; повторно отпочнување на кредитниот раст за одржливи корпоративни кредити; продолжени напори за одлучувачка консолидација за повторно воспоставување на фискален баланс: и намалување на јавниот долг – би помогнале во стимулирање на економската активност. За да се одржи растот во регионот, земјите треба и понатаму да ги зајакнуваат нивните домашни макроекономски перформанси и политики, кои ја поттикнуваат нивната продуктивност и еластичност кон надворешни превирања.
Дополнително, скорешното економско закрепнување е можност за повторно промовирање на долго одложуваните структурни реформи. Приоритетите за раст и креирање работни места вклучуваат макроекономска и фискална стабилизација, подобрена конкуретност и поврзаност, подобрени вештини и работна продуктивност и зајакнато владеење и антикорупција.
РЕИ ЈИЕ се издава два пати годишно од страна на вработените економисти во Одделот за намалување на сиромаштијата и економско управување (ЕЦА ПРЕМ) при регионот на Европа и централна Азија на Светска банка.