СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ

Според Светска банка, Југоисточна Европа на Бавен пат кон закрепнување

9 Декември 2013



ТИРАНА, 9 декември 2013 година – Земјите од регионот Југоисточна Европа (ЈИЕ6)[1]излегоа од рецесијата во првата половина на 2013 година, предводени од подобрените извозни резултати, се вели во најновиот Редовен економски извештај за Југоисточна Европа (РЕИ ЈИЕ) на Светска банка. Извештајот беше  презентиран во Тирана и целиот регион преку серија настани кои ги водеше Елен Голдстин, директор за земјите на Југоисточна Европа при Светска банка.

Просечниот раст на реалниот бруто домашен производ на шесте земјите се поврати од негативните 0,7 проценти во 2012 година на 1,8 проценти (година-за-година) во првата половина на 2013 година,поддржано од ветувачкото заздравување на Еврозоната. Исто така, поволните временски услови го поддржаа силниот придонес на земјоделското производство за економски раст и помогнаа да се намали инфлацискиот притисок“.

„Индустријата, особено извозната преработувачка индустрија и енергијата беа двигатели на заздравувањето.“ вели Галина Андронова Винчеленте, главен економист и коавтор на РЕИ ЈИЕ. „Регионот во 2013 година доживеа добредојдена експанзија на извозот, особено на извозот на автомобили од Србија“.

Во извештајот се забележува недостатокот дека домашната побарувачка остана слаба во целиот регион како резултат на високата невработеност, слабиот раст на приходите на домаќинствата и кредитирањето, како и на тешката инвестициска клима. Покрај овие краткорочни фактори, забавувањето на растот на продуктивноста и растот на трошоците за трудот имаа неповолно влијание врз економскиот раст, намалувајќи ја конкурентноста и побарувачката за работна сила.

Абебе Адуња, главен економист и коавтор на РЕИ ЈИЕ, објаснува „Невработеноста во регионот, со просечни 24 проценти, почна да се намалува во првата половина на 2013 година споредено со нејзиното највисоко ниво во текот на кризата. Но, дури и онаму каде што вработеноста од 2010 година се зголеми забележително, придобивките не беа широко опфатени и главно се концентрираа во услугите. Индустријата продолжи да затвора работни места и во 2013 година, низ целиот регион на ЈИЕ6. Економскиот раст на кус рок нема да биде доволно силен да поддржи значително зголемување на вработеноста.

Извештајот забележува дека со зајакнувањето на извозот и со намалувањето на увозот, салдото на тековната сметка е намалено. Постепеното заздравување во Еврозоната помогна заедничкиот извоз на стоки од ЈИЕ6 (пондериран просек) да порасне за скоро 13 проценти (година-за-година), давајќи силен позитивен придонес за целокупниот економски раст. Растот на извозот секаде беше забележителен, особено во Србија, движен од извозниот капацитет на новите странски директни инвестиции, но одржливоста на таквиот раст на извозот е несигурна како резултат на тесната извозна основа на регионот и прашањето на конкурентноста. Во целина дознаките се одржаа, но грчката криза почна да го зема својот данок, особено во Албанија.

Странските матични банки ја намалија изложеноста во регионот; тоа, заедно со зголемувањето на нефункционалните кредити (НФК) и слабиот кредитен раст, укажува на потребата за енергични реформи за намалување на НФК и другите ранливости. Во ова опкружување, и покрај добрата ликвидност и намалувањето на референтните каматни стапки, банките останаа воздржани во давањето нови кредити. Како резултат на тоа се забави кредитниот раст во земјите на ЈИЕ6.

Со намалена побарувачка, несигурни извозни перспективи и значителните надворешни ризици, според извештајот, краткорочните перспективи за раст во шесте земјите остануваат слаби.Жељко Богетиќ, главен економист и исто така коавтор на извештајот, објаснува:По заздравувањето на регионалната економија во првата половина на 2013 година, економскиот раст за оваа година се очекува да биде околу 1,8 проценти. Босна и Херцеговина и Косово и понатаму се најбавно и најбрзо растечката економија во ЈИЕ6.

Во целина, на краток рок, нето извозот ќе продолжи да го движи растот во регионот ЈИЕ6. Меѓутоа, во извештајот се објаснува дека неповолните услови на пазарот на трудот, лошата инвестициска клима и скромната потрошувачка и инвестиции ќе ја ограничуваат економската активност. Се проектира дека регионот ЈИЕ6 во 2014 година ќе продолжи да бележи раст со стапка од 1,8 наместо претходно проектираните 2,7 проценти, поради позитивниот, но воздржан раст на извозот во 2014 година.

Сату Кахонен, менаџер за макроекономија и намалување на сиромаштијата во Југоисточна Европа, истакнува дека „ Земјите од регионот на Југоисточна Европа треба да продолжат во давање предност на зајакнување на нивните домашни макроекономски основи и политики, кои ја поттикнуваат нивната продуктивност и отпорност од надворешни превирања. Почетниот раст воден од извозот во 2013 година е позитивен настан, но неговото одржување ќе биде предизвик. Дополнително со потребата за подобрување на нивните фискални позиции, за намалување на јавниот долг и зајакнување на банкарските системи, земјите на ЈИЕ6 се соочуваат со значителни структурни предизвици во подобрувањето на продуктивноста и конкурентноста, вклучувајќи и во областите на инвестициската клима, пазарот на трудот и јавниот сектор.

РЕИ ЈИЕ се изработува два пати годишно од економисти во Одделот за намалување на сиромаштијата и економско управување во регионот Европа и Централна Азија во Светска банка (ЕЦА ПРЕМ).


[1]ЈИЕ6 се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Контакт за медиуми
Скопје
Анита Божиновска
tel : +389 2 3117 159
abozinovska@worldbank.org
Вашингтон
Кристин Шредер - Кинг
tel : +1-202-458-2736
kschrader@worldbank.org

РЕСУРСИ

СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ:
2014/235/ECA

Api
Api

Welcome