Skip to Main Navigation
СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ

Република Македонија е рангирана меѓу 10-те економии со најголеми подобрувања во леснотијата за водење бизнис

28 Октомври 2013



Вашингтон, 29 октомври 2013 година – Во новиот извештај на Светска банка и ИФЦ се утврдува дека Република Македонија уште еднаш е меѓу десетте економии каде најмногу се подобрило деловното и регулаторно опкружување во годината помеѓу јуни 2012 и јуни 2013, спроведувајќи шест регулаторни реформи кои им го олеснија водењето бизнис на локалните претприемачи. Од 2007 година, по четврти пат Република Македонија е признаена од страна на Дуинг Бизнис како една од десетте врвни економии во светот во поглед на подобрувањата во текот на една година.

Дуинг Бизнис 2014: Разбирање на регулативите за малите и средни претпријатија покажува дека напорите за зајакнување на правните институции за намалување на сложеноста и на трошоците на регулаторни процеси им се исплатија на претприемачите во Европа и централна Азија. Овој регион го претекна регионот Источна Азија и Пацифик на второто место по леснотијата за водење бизнис по Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Република Македонија го олесни добивањето електрична енергија преку намалување на времето потребно за добивање нов приклучок и преку утврдување фиксен надоместок за приклучување по киловат (kW) за приклучоци што бараат моќност до 400 kW. Исто така го зајакна својот систем за обезбедени трансакции преку обезбедување поголема флексибилност на описот на средствата во договор за гаранција и на видовите долгови и обврски што можат да се обезбедат. Заштитата на инвеститорите се зајакна преку овозможување на акционерите да бараат поништување на нефер трансакциите помеѓу поврзани субјекти и назначување на ревизор да ги испита наводните нерегуларности во работењето на компанијата.

Република Македонија е и една од петте економии што најмногу го затворија јазот со светските добри практики од 2005 година. Секако, во областите на почнување бизнис и добивање кредит, таа се рангира помеѓу десетте најдобри економии во светот. Сепак, постојат предизвици, особено во областите на извршувањето на договорите, прекуграничната трговија и регистрацијата на имотот, каде се рангира на 95, 89 и 84 место од 189 економии.

„Уште еднаш, Република Македонија се докажа дека е лидер во регионот и пошироко во подобрувањето на деловното опкружување, мерено за извештајот Дуинг Бизнис“ – вели Татијана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Скопје – „Овие достигнувања можат да ги надополнат напорите на владата и приватниот сектор во ублажување на последиците од криза во Еврозоната и решавање на ниските стапки на вработеност. Истовремено, остануваат уште предизвици. Владата на Република Македонија и Светска банка работат заедно во понатамошно подобрување на инфраструктурата, вештините на работниците и севкупната конкурентност на земјата.“

Сингапур е на првото место во светското рангирање на леснотијата за водење бизнис. На листата од 10 најдобри економии со најдобри регулативи за водење бизнис се и Хонгконг САР, Кина; Нов Зеланд; Соединетите Американски Држави; Данска, Малезија; Република Кореа; Грузија; Норвешка и Обединетото Кралство.

Освен глобалното рангирање, Дуинг Бизнис ги истакнува економиите кои постигнале најголеми подобрувања во показателите во споредба со претходната година. Десетте економии кои се на врвот на оваа листа за оваа година се (според подобрувањата) Украина, Руанда, Русија, Филипини, Косово, Џибути, Брегот на Слоновата Коска, Бурунди, Република Македонија и Гватемала. Сепак опстојуваат и предизвиците: пет од земјите што постигнаа најдобро подобрување оваа година – Бурунди, Брегот на Слоновата Коска, Филипини и Украина, сè уште се наоѓаат во долната половина на глобалното рангирање според леснотијата на водење бизнис.

За серијата извештаи Дуинг Бизнис

Во заедничкиот водечки извештај на Светска банка и ИФЦ се анализираат односите што се однесуваат на бизнисите во економијата во текот на нивниот животен циклус, вклучувајќи го почнувањето и работењето, прекуграничната трговија, плаќањето даноци и решавањето на несолвентноста. Збирниот ранг на леснотијата на водење бизнис се базира на 10 показатели и опфаќа 189 економии. Дуинг Бизнис не ги мери сите аспекти на деловното опкружување што им се важни на фирмите и на инвеститорите. На пример, не го мери квалитетот на фискалното управување, другите аспекти на макроекономската стабилност, нивото на вештини на работната сила или отпорноста на финансиските системи. Со неговите наоди се стимулираат дебатите за политиките низ целиот свет и се овозможија сè пошироки истражувања за тоа како регулативите на ниво на фирма се однесуваат на економските резултати во економиите. Годинешниот извештај е 11то издание од едицијата на светскиот извештај Дуинг Бизнис и опфаќа 189 економии.

За повеќе информации околу извештаите Дуинг Бизнис, посетете ја страницата doingbusiness.org и приклучете се на doingbusiness.org/facebook.

За Групацијата Светска банка

Групацијата Светска банка е еден од најголемите извори на финансирање и знаење за земјите во развој. Се состои од пет тесно поврзани институции: Меѓународната банка за обнова и развој (ИБРД) и Меѓународното здружение за развој (ИДА) кои заедно ја формираат Светска банка; Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ); Мултилатералната агенција за гарантирање инвестиции (МИГА) и Меѓународниот центар за разрешување инвестициски спорови (ИЦСИД). Секоја од овие институции игра одделна улога во мисијата за борба против сиромаштијата и за подобрување на животниот стандард на луѓето во земјите во развој. Повеќе информации може да најдете на www.worldbank.org, www.miga.org и www.ifc.org.

Контакт за медиуми
Вашингтон
Надин Ганам
tel : +1 (202) 473-3011
nsghannam@ifc.org
Регионални контакти ИФЦ – Јужна Европа
Слободан Бркиќ
tel : +381 (11) 30-23-750
sbrkic@ifc.org
Светска банка – Европа и централна Азија
Кристин Шрадер - Кинг
tel : +1 (202) 458-2736
kschrader@worldbank.org


СООПШТЕНИЕ ЗА ПЕЧАТ БРОЈ:
2014/148/FPD

Api
Api

Welcome