Skip to Main Navigation
МИСЛЕЊЕ26 Март 2024

Градење подобра и поотпорна земја: нова Партнерска рамка на Светска Банка за Северна Македонија

Оваа колумна првично беше објавена на македонски јазик од страна на MIA  на 4ти март 2024 година. Масимилиано Паолучи е Директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија.

Од стекнувањето независност во раните 1990-ти, Северна Македонија го удвои својот приход по глава на жител и ги преполови стапките на сиромаштија. Тоа се случи како резултат на спроведувањето на реформите за, меѓу другото и привлекување инвестиции, подобро поврзување на земјата со регионалните и глобалните пазари и поттикнување на развојот на човечкиот капитал. Сепак, со сегашните стапки на раст, на Северна Македонија ќе ѝ бидат потребни уште три децении да го премости јазот во однос на приходот по глава на жител со земјите од Европската Унија.

Искуствата од други земји со среден приход со слични економски и институционални нивоа на  развој покажуваат дека за да се зголеми акумулацијата на факторите и растот на продуктивноста, а со тоа да се постигнат потенцијалните цели за раст и развој на БДП, на Северна Македонија ќе ѝ требаат одржливи инвестиции и реформи за да се консолидира макростабилноста и фискалната одговорност, како и да се зајакне човечкиот капитал, инфраструктурата, основното владеење и да се декарбонизира растот.

Комбинираниот ефект на реформите во поширок контекст на процесот на пристапување кон ЕУ може да помогне во промовирање на врвни иновации и преместување на капиталот и работната сила кон попродуктивни сектори, како што се услугите, зголемување на понудата на квалификувана работна сила, особено меѓу жените и младите, зголемување на продуктивноста, и поттикнување  инвестиции во приватниот сектор. Понатаму, паметна инвестициска политика и поразумно користење на државната помош оди во прилог на промена на улогата на државата кон промовирање поквалитетни странски инвестиции. Намалувањето на трошоците за прекугранична трговија може да привлече странски директни инвестиции преку влевање доверба во националните институции кај инвеститорите, креирањето политики и валутата. Истовремено, Северна Македонија ќе има корист од зголемување на нивото на пазарна интеграција со остатокот од земјите од Западен Балкан и со ЕУ за да ги искористи предностите на економии на обем и надвор од нејзините граници, да ја зголеми продуктивноста и да обезбеди подобро платени работни места за граѓаните.

Северна Македонија се наоѓа на клучна крстосница од нејзиниот развој, соочена со избори кои бараат навремени и иновативни решенија за да ги претвори предизвиците во можности. Надградувајќи се на силна 30-годишна соработка, новата Рамка за партнерство на Светска банка (РПЗ) за периодот 2024-2028 година за Северна Македонија, има за цел да одговори на овие предизвици и да ја поддржи долгорочната развојна цел на земјата во создавање на подобро платени работни места и тоа да го стори на конкурентен и одржлив начин. Рамката тоа го предлага преку ставање фокус на:

  • Подобрување на квалитетот на испораката на јавните услуги. Ова вклучува зајакнување на административните капацитети и на централно и на општинско ниво, справување со ограничувањата што ја попречуваат испораката на јавни услуги и подобрување на квалитетот на управувањето со инфраструктурните средства. Рамката за партнерство придонесува кон оваа цел преку тековен проект насочен кон градење ефективно, транспарентно и одговорно управување со јавните финансии и проширени и нови операции за општинскиот развој, социјалните услуги и развојот на човечкиот капитал;
  • Справување со ограничувањата за растот на продуктивноста и создавањето работни места, како од страната на побарувачката така и од понудата. Поконкретно, Групацијата на Светска банка ќе го засили својот ангажман во поддршка на стратегијата на земјата да го зголеми пристапот до регионалните и глобалните пазари преку подобро поврзување и олеснување на трговијата. РПЗ, исто така, ќе го поддржи спроведувањето на долгорочната стратегија за човечки капитал во земјата:  од аспект на понудата, ќе се фокусира на подобрување на основните вештини во раниот детски развој и ќе го зајакне ангажманот во основното и средното образование, како и транзицијата кон работни места. Од аспект на побарувачката, РПЗ ќе продолжи со ангажманот за обезбедување услови за развој на приватниот сектор, со фокус на пристапот до кредити, дигитализација и подготвување за пазарот на мали и средни претпријатија. Важен реформски напор ќе се вложи во улогата и перформансите на претпријатијата во државна сопственост, а е во насока на отворање простор за настап на приватниот сектор кој би придонел за подобрени перформанси во испораката на услуги. И покрај тоа што е ограничена по број и државен удел, улогата, работата и управувањето со мрежата на државни претпријатија во земјата е важна за развојот на критичната мрежна инфраструктура за развој на приватниот сектор.
  • Исполнување на долгогодишните и новите еколошки предизвици, истовремено зголемувајќи ја климатската отпорност во заштита на економскиот раст и квалитетот на живот. Ова вклучува унапредување на агендите за енергетска ефикасност и енергетска транзиција, намалување на загадувањето на воздухот и затворање на инфраструктурните јазови.

РПЗ предлага да се следат напорите за реформи и да се финансираат конкретни инвестиции во овие три макро области преку комбинација на заеми за политики и инвестиции, советодавни услуги и гаранции, при што Меѓународната финансиска корпорациј (МФК) ќе игра важна улога во структурирањето на јавно-приватните партнерства (ЈПП) и во инвестирање  во обновливи извори на енергија.

Премостување на јазот со Европа е можен. Сепак, реформирање на економијата бара постигнување на широк консензус за стратешките развојни цели и приоритетните реформи меѓу сите чинители, поблиска координација меѓу развојните партнери и мобилизација на доволно ресурси за спроведување на реформската агенда. Исто така, ова бара професионална, неполитизирана и компетентна јавна администрација која обезбедува висококвалитетни услуги за сите граѓани, креира политики засновани на докази и го спроведува тешкиот процес на пристапување во ЕУ за да се оствари трансформациската промена. Светска банка ќе продолжи да работи заедно со граѓаните од Северна Македонија за да им помогне да го реализираат развојниот потенцијал на земјата во контекст на поширокиот процес на пристапување во ЕУ. 

Блогови

    loader image

НОВОСТИ

    loader image