Skip to Main Navigation
МИСЛЕЊЕ26 Март 2024

Приказна за продуктивноста и работните места во Северна Македонија

Оваа колумна првично беше објавена на македонски јазик од страна на MIA на 14ти март 2024 година. Сања Маџаревиќ Шујсер е виш економист, а Јоана Маџоска е економист при Светска банка.

Како што се тврди во најновата Систематска дијагностика на земјата Северна Македонија за 2023 година,  придвижувањето од статус на земја со среден доход кон статус на  земја со висок доход ќе бара зајакнување на продуктивноста, инклузијата и одржливоста, намалувајќи ја истовремено зависноста од фосилни горива и енергетскиот интензитет, и сето тоа во услови на стеснет фискален простор, зголемени трошоци за капитал и постојана глобална економска несигурност. И покрај глобалната финансиска криза, одржливото зголемување на доходот на домаќинствата во долните 40 проценти од доходовната дистрибуција ја преполови стапката на сиромаштија на населението на околу 20 проценти, а инклузивниот раст во изминатите години доведе до еден од најголемите падови на нееднаквоста во светот. Сепак, понатамошниот напредок на земјата може да биде запре доколку не се зголеми потенцијалот за раст.

Дури и пред пандемијата, растот на земјата заостануваше зад други слични земји. Со сегашната стапка на раст (која е под 2 проценти) Северна Македонија ќе го достигне просечното ниво на приходи во ЕУ по неколку генерации. Конвергенцијата досега се одвиваше бавно: БДП по глава на жител на Северна Македонија се зголеми од 25 проценти од БДП по глава на жител во Германија (една од главните дестинации за македонските мигранти) во 2000 година на 29 проценти во 2021 година. Овој јаз мора побрзо да се намали за да се запре бранот на иселување на младите работници особено кон таа земја. Извештајот тврди дека ниската продуктивност, особено на фирмите, меѓу другите работи, е тоа што стои зад нискиот потенцијален раст. Зголемувањето на продуктивноста на фирмите е од суштинско значење за да се стимулира растот, но и за да се создадат повеќе високоплатени работни места.

Анкетата за претпријатијата на Светска банка покажа дека продуктивноста на производствените фирми во Северна Македонија била ниска дури и пред избувнувањето на пандемијата и заостанувала зад земјите со слични карактеристики (Слика 1). Продуктивноста на фирмите, пресметана со микро податоци, исто така многу варира помеѓу фирмите: фирмите во 90-от перцентил се во просек четири пати попродуктивни од оние во 10-от перцентил. Трговскиот сектор покажува особено висока дисперзија на продуктивност: фирмите во 90-от перцентил се повеќе од осум пати попродуктивни од фирмите во 10-от перцентил (Слика 2). Таквата висока дисперзија на продуктивноста помеѓу фирмите во истиот сектор е знак за нарушувања на пазарот и неправилна распределба на ресурсите.

MKD MKD SCD

Кога факторите на производство се ефикасно распределени, попродуктивните фирми се прошируваат со преземање на дополнителен труд и капитал, генерирајќи економии од обем што може дополнително да ја зголемат нивната продуктивност. Ова не е случај во Северна Македонија, каде што многу средни и големи фирми се помалку продуктивни од мали фирми. Изненадувачки, просечната продуктивност на големите фирми (со 100 или повеќе вработени лица) е 3 проценти помала од просечната продуктивност на средните фирми (со 10 до 99 вработени лица) и 14 проценти помала од просечната продуктивност на малите фирми (со помалку од 10 вработени лица).

Во текот на изминатата деценија, голем број на фирми со слаби перформанси продолжија да работат во Северна Македонија. Од 2018 до 2020 година, секторите за производство на моторни возила, здравство, транспорт и туризам забележаа пад и кај приходите и кај продуктивноста. Овие сектори, кои содржат најмногу работни места во земјата, имаат пониски нивоа на продуктивност и вклучуваат помалку фирми кои доживеале раст на приходите.

Од друга страна, фирмите со висока продуктивност имаат тенденција да плаќаат повисоки плати. Производниот и услужниот сектор во Северна Македонија покажуват дека фирмите со повисока продуктивност плаќале повисоки плати (Слика 3). Во услужниот сектор, од 2018-2020 година, најпродуктивните фирми исплаќале плати кои во просек биле 29 проценти повисоки од оние што ги исплаќале најмалку продуктивните фирми. Сепак, повеќето нови работни места биле отворени во помалку продуктивни фирми од услужниот сектор, каде што се вработени повеќе од 55 проценти од вкупната работна сила.

MKD MKD SCD

Опстојувањето на ниската продуктивност го нагласува ограничениот степен до кој постоечките фирми можат да ги надградат своите внатрешни капацитети, вклучувајќи го и нивниот потенцијал за иновации, прифаќање нови технологии или подобрување на управувувачките практики. Создавањето средина каде што фирми со слаби перформанси излегуваат, а нови фирми влегуваат, може да ја подобри пазарната конкуренција и да овозможи поефикасна распределба на ресурсите во економијата.

 

Блогови

    loader image

НОВОСТИ

    loader image