Со понатамошниот раст на земјите во Западен Балкан, расте и нивната изложеност на ризици од климатските промени и од природни катастрофи.
Во последните дваесет години животниот стандард во Босна и Херцеговина се зголеми за шест пати, а во Албанија и во Србија за три пати. Сè повеќе луѓе наоѓаат работа и платите се во пораст. Според најновите проекции на Светска банка, регионот има светла иднина.
Меѓутоа, на хоризонтот се собираат облаци. Паралелно со добредојдениот раст, се зголемуваат и климатските ризици и ризиците од катастрофи, загрозувајќи ги ранливите заедници.
Во 2014 година бевме сведоци на историски големи поплави кои во Босна и Херцеговина предизвикаа штети од над 2 милијарди евра (скоро 15 проценти од бруто домашниот производ на земјата) и над 1,5 милијарди евра штети и загуби во Србија (скоро 5 проценти од БДП на Србија). Минатото лето бевме сведоци на рекордни температури што предизвикаа свиткување на железничките шини, потпомогнаа десетици пожари низ Балканот, предизвикаа суша во Србија што доведе до пад на земјоделското производство за скоро 10 проценти и ја присилија Албанија да потроши 200 милиони евра за увоз на енергија како резултат на катастрофалната суша. Сите овие екстремни временски настани се потсетник за ранливоста на регионот од шокови поврзани со климатските услови.
Тоа едноставно е прескапо.
За среќа, сè уште има време за делување. Со спроведување климатски умни политики денес, креаторите на политиките во Западен Балкан можат да се подготват за катастрофите утре.
Србија го пробива патот со овие напори. Оваа земја, прва во регионот, воведе сеопфатна рамка за управување со ризикот од катастрофи и со тоа стана една од првите земји во светот која целосно го усогласи своето законодавство со Рамката од Сендај. Искористувајќи го моментот, Србија, во 2017 година, обезбеди заем од Светска банка во износ од 66 милиони евра за да обезбеди итен пристап до средства за обнова во случај на голема катастрофа. Заемот за управување со ризици од катастрофи со одложено повлекување (Цат-ДДО) – прв од овој вид во регионот Европа и Централна Азија е дизајниран да ги заштити виталните општествени инвестиции од фискалните влијанија на природните катастрофи. Овој инструмент веќе е користен, придонесувајќи со проценети 23 милиони евра потребни за финансирање програми за обнова во областите на јавното здравје, образованието, земјоделството итн. по поплавите во текот на ова лето.
Меѓутоа, имајќи ги предвид сложеноста и трошоците поврзани со климатските ризици, ниту една земја не може да се очекува дека ќе може сама да се справи со овој предизвик. Со поддршка од Глобалниот инструмент за намалување и закрепнување од катастрофи (ГУНЗК) и од Инструментот на Европската Унија за претпристапна помош, Србија развива ЛиДАР технологија за да изработи дигитални модели на теренот што ќе ги водат инвестициите во превенција на ризикот од поплави.
Во Босна и Херцеговина, со проект на Светска банка во вредност од 86 милиони евра се обновува критичната инфраструктура за заштита од сè поголемиот ризик од поплави. Во Албанија, владата спроведува одржливи земјишни политики, како што е регенерацијата на шумите, за да помогне да се заштити снабдувањето со вода од топлотни удари и суши и е една од првите земји која врши извлекување на јаглерод од еродирано земјиште. Во ПЈР Македонија во тек се напори за заштита на виталниот земјоделски сектор на земјата од променливоста на климата преку развивање на клучни земјоделски институции и инвестирање во инфраструктура, услуги за поддршка и подобрувања на ниво на земјоделски стопанства. Како во Косово, така и во Црна Гора, политиките за енергетска ефикасност, како што е изолирањето на покривите и надградбата на системите за затоплување во училиштата и во болниците, стануваат секојдневие за да се обезбеди одржлив економски развој. Критични инвестиции се вложуваат и во клучните транспортни и трговски коридори во регионот за да се намали ранливоста од климатските услови, како што се поплавите и свлечиштата.
Слични иницијативи се спроведуваат и на регионално ниво, докажувајќи дека регионот Западен Балкан е повеќе од збир на неговите делови. Со поддршка на Светската метеоролошка организација (СМО) и на Светска банка, тековните партнерства со соседните земји го подобруваат процесот на споделување хидрометеоролошки податоци, подобрувајќи го прогнозирањето на времето и поддржувајќи ги пошироките европски метеоролошки системи.
Работејќи не само во своите граници, овие земји можат да обезбедат подобро рано предупредување за ризиците од катастрофи и за климатските ризици на сите нивни граѓани.
Оваа регионална работа ќе добие поттик оваа седмица, кога група експерти, креатори на политики и други чинители ќе се состане во Белград на првата регионална Конференција за разбирање на ризикот – едно до малкуте места каде научници, претставници на влади, на приватниот сектор и членови на граѓанското општество ќе можат да се состанат и да се занимаваат со предизвикот од климатските ризици и да ги применат најновите иновации на ова поле.
Како временските модели во регионот ќе стануваат понесигурни, владите од Балканот ќе треба да преземаат сè попроактивни мерки за да ја обезбедат сигурноста и просперитетот на заедниците. Силните меѓународни партнерства, како и инвестициите со кои однапред се гради отпорноста, ќе му помогнат на регионот да се прилагоди со какво и време да се соочи.