Западен Балкан е важна крстосница. Кога во 2020 година, Светска банка и Европската Унија склучија партнерство за зајакнување на подготвеноста за инвестирање на малите и иновативни компании од Западен Балкан, идејата беше да им се помогне да ги прошират своите пазари надвор од националните граници преку интензивно менторство “во живо“ и прилагодени обуки.
Бидејќи пандемијата драстично ја намали светската економска активност, за некои од компаниите оваа програма беше спас во периодот за затворања и колабирана продажба. За други, програмата претставуваше отварање на нови видици, водејќи кон нови дигитални решенија со кои се прошири нивната база на клиенти и се зголеми продажбата. Во оваа активност беа вклучени иновативни мали и средни претпријатија од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и од Србија што веќе го дизајнирале својот производ и остваруваат хекакви приходиод негова продажба.
„Инвеститорите често бараат водачи на компании кои прифаќаат совети и сакаат да се обучуваат,“ вели Маја Анѓелковиќ, виш специјалист за приватен сектор во Светска банка. „Оваа програма за обука покажа дека иновативните фирми од Западен Балкан не само што сакаат да учат туку се способни брзо да ги применат новите знаења за да се прилагодат кон промените на побарувачката, како што беа шоковите предизвикани од пандемијата на КОВИД-19.“
Марија Бојовиќ е маркетинг менаџер на ЕАЕРА, финансиска консултантска компанија со седиште во Подгорица, Црна Гора
Добри намери, мешани исходи
Пандемијата ги промени форматот и содржината на планираните обуки и техничката помош, менувајќи го фокусот кон поттикнување на вештините за дигитален маркетинг во многу несигурни времиња. Целта на обуката остана охрабрување на компаниите учеснички да усвојуваат поагилен пристап во консолидирањето и проширувањето на својата домашна и меѓународна база на потрошувачи.
Компаниите учеснички доаѓаа од различни дејности, главно од услугите и Б2Б, како и од електронска трговија и преработувачката индустрија. Дури 71% од нив веќе извезуваа.
Од 225 компании избрани за програмата, 113 беа ставени во третираната група што доби подлабинска обука за градење потрошувачка база и нови пазари, користејќи алатки за дигитален маркетинг и примајќи совети за човечки ресурси, финансиско управување и нудење на нивните производи на потенцијални инвеститори. Контролна група од 112 фирми доби скратена верзија од обуката.
Фирмите во третираната група го подобрија своето дигитално присуство така што потенцијалните меѓународни клиенти многу полесно наоѓаа информации за понудата на фирмите и посакуваа да контактираат со нив. Третираните фирми имаа за 10 процентни поени поголема веројатност да се појават на првата страница на резултатите од пребарувањето и ги подобрија своите Фејсбук профили со објави на англиски јазик (за 15 проценти поени повеќе од контролната група), посебни понуди (за 10 процентни поени) и сведочења и приказни на потрошувачи (за 6 процентни поени). Една година по почнувањето на програмата, третираните фирми значително го зголемија и бројот на своите потрошувачи.
Погледнете го целиот инфографик
Резултатите се покажа најпозитивни кај фирмите што доаѓаат од секторот ИКТ, каде дури и куса обука за стекнување или усовршување на вештините за дигитален маркетинг, за обновување на интернет страниците или за користење на каналите на социјалните медиуми доведоа до добри резултати.
„Економскиот и инвестицискиот план и Агендата за иновации за Западниот Балкан ставаат акцент на важноста да се зајакне конкурентноста на деловниот сектор во регионот и да се промовираат иновативните екосистеми,“ вели Холгер Шредер, раководител на одделение за регионални програми и економски и инвестициски план за Западен Балкан во Европската комисија, Генерален директорат за соседски преговори за проширување. „Студијата утврдува пристапи како МСП можат да ги надградат своите капацитети за промени и за отпорност на кризи преку иновации и дигитализација. Студијата го демонстрира и позитивното влијание на виртуелната обука врз фирмите со различни потреби на регионални ниво.“
Од цврста градба до дигитални технологии
За еден производител на луксузни стоки што не се неопходни, пандемијата беше шок за бизнисот. Борис и Сања Пезељ, брачна двојка што го основа Светот на бонбоните, мал, но успешен бизнис за правење гумени и чоколадни бонбони што се потпираше на продажбата во физички продавници, главно во трговски центри, пандемијата значеше целосна промена на нивната идеја како ќе работат во тешки времиња. Единствениот пат беше да почнат да градат онлајн присуство.
„Една од причините што се придруживме на „ПауерАп“ беше да најдеме инвеститор што ќе може да ни помогне да се прошириме на пазарите околу нас,“ вели Борис Пезељ. „Не успеавме во тоа, не само поради нашата понуда на инвеститорите туку и поради целата идеја на прилагодување и достигнување до пошироки пазари, каде ИТ има доминантна позиција. Значи, тоа беше она што не доведе до одлуката да креираме наша апликација, да инвестираме во машини што ќе работат со таа апликација и да влеземе во ИТ секторот на бизнисот.“ По малку повеќе од една година, Светот на бонбоните е на прагот на лансирање на своја сопствена апликација.