Од 2019 година па наваму, Северна Македонија спроведува сеопфатни реформи за подобрување на покриеноста, таргетирањето и соодветноста на системот за социјална помош во земјата со цел да обезбеди поефикасна поддршка за сиромашното и ранливото население. Една од клучните промени беше воведувањето на програмата за гарантирана минимална помош (ГМП) врз основа на проверка на материјалната состојба со која се консолидираа и заменија низа програми за социјална помош. Ова беше мотивирано од анализата спроведена од страна на Светска банка која покажа дека претходните програми за социјална помош беа фрагментирани, тешки за снаоѓање за корисниците и имаа мало, речиси никакво влијание врз ублажувањето на сиромаштијата.
Прелиминарната анализа упатува на тоа дека реформите на ГМП доведоа до значително подобрување во таргетирањето: 53% од корисниците на социјална помош се во најсиромашниот квинтил во споредба со околу 44% пред воведувањето на ГМП. Зголемен е и бројот на корисници за 20%. Покрај тоа, домаќинствата со ГМП имаат право на детски и образовен додаток, кој ги поддржува сиромашните семејства во зајакнувањето на нивниот човечки капитал. Како резултат едно петочлено семејство , кое е корисник на ГМП и придужни додатоци, сега може да добие до два пати повеќе од она што можело претходно.
ГМП во текот на пандемијата
ГМП беше исто така непроценлива во навремениот одговор на земјата на пандемијата КОВИД-19, бидејќи многу од најсиромашните домаќинства се соочија со загуби на работни места и приход - со што се зголеми нееднаквоста и ризикот за најранливите да паднат во уште подлабока сиромаштија.
Постапувајќи итно во одговор на КОВИД-19, Владата на Северна Македонија усвои мерки за конкретна заштита на сиромашните од економските влијанија на пандемијата. На почетокот на 2020 година, Владата ја измени законската рамка за да ги олесни критериумите за подобност за ГМП, или поконкретно изменувајќи ги критериумите за проценка на приходот од минимум три месеци на само еден. Овој клучен амандман беше воведен по други значајни реформи во системот за таргетирање, како што е намалувањето на бројот на потребните придружни документи и обработката на апликациите преку единствениот регистар што поврзува бази на податоци на неколку клучни владини агенции за да се олеснат неопходните проверки.
Влијанието на направента промената во однос на критериумите за подобност на ГМП како одговор на КОВИД-19 пандемијата е јасно Тоа доведе до проширување на опфатот на постојната програма за социјална помош во Северна Македонија за речиси 25%, дозволувајќи им на повеќе од 7.210 нови домаќинства да се приклучат и да добијат поддршка од клучна важност.
Еден од тие нови корисници на ГМП е семејството на Сеад Абдулоски. Тој е татко на четири деца и единствен хранител на неговото домаќинство во градот Прилеп. Пред пандемијата Сеад работел како собирач на шишиња и старо железо. Но, со појавата на пандемијата и воведувањето карантини, неговиот приход целосно пресуши, оставајќи го неговото семејство речиси без храна на масата, бидејќи кризата без преседан брзо ги исцрпи неговите оскудни заштеди. „Оваа мака“се отстрани, како што раскажува Сеад, кога локалниот Центар за социјална работа во Прилеп го известил за неговата подобност за ГМП. Како што објаснува Сеад: „финансиската поддршка од ГМП беше таа што нè одржуваше во живот за време на КОВИД. Така успеав да ги задоволам основните потреби на моето семејство кога сите мои приходи престанаа поради ограничувањата за движење заради КОВИД “. Покрај ГМП, Сеад добива и детски и образовен додаток за своите четири деца.
Сара Расимоска и нејзиниот партнер Орхан Раифоски западнаа во слична ситуација додека се спроведуваа мерките за забрана на движењето во земјата. Како млади родители во раните дваесетти години со две мали деца, тие се соочија со потешкотии да врзат крај со крај. Како резултат на пандемијата, Сара повеќе не можеше да работи како негувателка и Орхан ја загуби работата како сезонски работник. Тогаш решија да аплицираат за ГМП, поддршка која сега ја добиваат заедно со детски додаток и субвенција за покривање на сметките за струја.
Одговорот преку ГМП спроведен во Северна Македонија во регионот на Западен Балкан се издвојува како исклучителен пример кој ја прошири покриеноста на постоечката програма за социјална помош и кој ѝ овозможи на Владата да ги искористи инвестициите и процедурите што веќе се беа воспоставени. Понатаму, брзината со која Владата ја усвои изменетата подобност за ГМП беше впечатлива, како и опсежната комуникација на оваа промена во јавноста. За време на пандемијата КОВИД-19, во неколку наврати, Владата заедно со партнерските организации им подели пакети со средства за хигиена (кои содржеа заштитни маски, средства за дезинфекција и средства за лична хигиена) на примателите на ГМП и другите ранливи групи.
Подобро подготвени за идни шокови
Без консолидација на фрагментираните програми за социјална помош, Северна Македонија веројатно ќе се напрегаше за ефективно да допре до сиромашните луѓе кои беа погодени од отпуштања поврзани со КОВИД-19 и затворањето на бизнисите. Во овој поглед, воведувањето на ГМП и отстранувањето на различните категоријални надоместоци овозможи брзо адаптирање на мрежата за социјална заштита кога тоа беше најважно за луѓето како Сеад, Сара и Орхан. Исто така, воспоставувањето унифициран и автоматизиран регистар на корисници беше уште еден важен елемент кој ја подобри способноста на Владата да ги следи и управува постојните политики и програми и да ја зголеми ефективноста и ефикасноста на надзорот и контролите.
Навремено инвестирање во еден систем за социјална заштита може сериозно да го ублажи ударот што го чувствуваат оние кои се изложени на најголем ризик да бидат тешко погодени од неволји. Времето и напорите преземени за креирање и одржување на реформите во текот на една деценија очигледно се исплатеа за Северна Македонија.
Но, овој напор не беше без предизвици. И покрај значителните подобрувања на административниот систем насочени кон усогласување и поедноставување на процесот на аплицирање за ГМП, просечниот период од аплицирање до добивање надоместоци за помош беше сè уште долг во текот на првата година од пандемијата. Овие доцнења произлегоа од затворањето на Центрите за социјална работа, каде што се прифаќаат апликациите за ГМП, како и поради недостигот на персонал поради инфекции со KОВИД-19.
Решавањето на таквите ограничувања ќе биде клучно за да се подобри одговорот на земјата на идните шокови предизвикани од сè понеизвесната глобална економија и климатските промени. За таа цел, Северна Македонија мора да продолжи да инвестира во системи за испорака и да се потпре на лекциите научени од пандемијата КОВИД-19 - и во тој процес може да послужи како модел за остатокот од регионот за развој на ефективни и флексибилни мрежи за социјална заштита.