„Свесни сме за тоа што може да се направи,“ вели Ријад Тиквеша, претседател на Екотим, здружение за заштита и унапредување на природата, животната средина и на здравјето во Босна и Херцеговина.
Според Тиквеша, постојат три главни препораки за креаторите на политиките „Пониски емисии, пониски емисии и пониски емисии.“
„Има три основни насоки за делување,“ продолжува Тиквеша, „пониски емисии од затоплувањето, од транспортот и од енергетските објекти – последното значи постепено напуштање на постојните објекти што произведуваат и трошат големи количества јаглен и се извор на енормно загадување.“
Освен негативните влијанија на емисиите врз животната средина во Западен Балкан, овие загадувачи се и скапи и смртоносни. Емисиите од загревање, од електричните централи, од печките на цврсто гориво и од други извори заедно формираат ситни честички (РМ) во воздухот што може да се вишат кога нивниот дијаметар е помал од 10 микрони. Изложувањето на честички РМ 2,5 е особено опасно за здравјето, бидејќи тие може да продрат многу длабоко во белите дробови и во крвотокот. Во Босна и Херцеговина се проценува дека секоја година дури 3.000 лица умираат предвремено како резултат на изложеност на загадување на амбиенталниот воздух со честички РМ 2,5. Оваа проценка за Северна Македонија е 1.600 смртни случаи и 760 смртни случаи во Косово.
Загадувањето на воздухот и понатаму останува водечки фактор на ризик за животната средина придонесувајќи со наголемо заедничко учество на смртните случаи и инвалидитетот во Западен Балкан. Исто така, проценетите годишни економски трошоци поврзани со штетите по здравјето предизвикани од ова загадување се запрепастувачки, со просечни 240 милиони долари во Косово (3,6% од БДП), 750 милиони долари во Северна Македонија (6,9% од БДП) и 1,38 милијарди долари во Босна и Херцеговина (8,2% од БДП) во 2016 година.
Здравствените и економските предизвици предизвикани од отровните честички се засилуваат со другите загадувачки материи што го деградираат квалитетот на воздухот, придонесуваат за емисиите на стакленички гасови и имаат негативно влијание врз квалитетот на животот на секој поединец што живее во Западен Балкан. Признавајќи ги овие растечки предизвици, лидерите во Западен Балкан амбициозно ја изразија својата намера да работат кон целта за 2050 година за јаглеродно неутрална Европа преку заедничката декларација од ноември 2020 година, а Светска банка останува посветена во поддршката на оваа цел.
Оваа поддршка вклучува спроведување на проекти обмислени за справување со предизвиците на загадувањето на воздухот, врз основа на спроведена анализа за подобро разбирање на проблемот што може да го поткрепи дизајнот на овие интервенции за да се зголеми нивната ефективност во намалувањето на емисиите, подобрувањето на здравствените исходи и намалувањето на економските влијанија на загадувањето на воздухот.
Во последните петнаесет години, Светска банка има инвестирано повеќе од 250 милиони долари во подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на воздухот и на емисиите на стакленички гасови низ регионот – вклучително и во иницијативи за намалувањето на вкупната побарувачка за топлина, за замена на застарените котли на дрва и јаглен и за зголемување на користењето на поефикасно осветлување.
Проектите во Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и во Србија помогнаа во намалувањето на потрошувачката на енергија и на користењето на фосилните горива во зградите, поттикнувајќи ја енергетската ефикасност и намалувајќи ги локалните и глобалните емисии низ регионот. Во Косово, со ова се очекува да се создаде заштеда на енергија еквивалентна на околу 15% од годишната побарувачка на земјата за електрична енергија. Во Босна и Херцеговина, мерките за енергетска ефикасност помагаат да се демонстрира големиот потенцијал за заштеда на енергија и придобивките поврзани со подобрувања во јавните згради - со заштеда на енергија и јаглерод за 61 реконструиран објект се проценува дека е еднакво на отстранување 80.000 автомобили од улица.
Светска банка и понатаму ќе продолжи да им помага на земјите од Западен Балкан во правењето на нивните економии позелени со инвестирање во чисти извори на енергија, помагање на затворањето на рудниците што предизвикуваат големо загадување на еколошки и социјално одговорен начин и со помош во зголемувањето на енергетската ефикасност и на намалувањето на влијанието врз нивните економии. Оваа работа вклучува и нова студија за одржливоста на загревањето во Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија дизајнирана да им помогне на властите да утврдат одржливи алтернативи со кои ќе се заменат големите загадувачки системи, истовремено анализирајќи ги реформите на политиките и на регулативата за промовирање на одржливото загревање и за определување на финансиски механизми за помош на секторот домување во транзицијата кон поодржливи можности. Иако претставува предизвик, оваа агенда за намалување на загадувањето и на учеството на јаглеродот во секторот на затоплувањето во земјите има потенцијал да биде една од најефективните и највредните интервенции во оваа сфера.
Понатамошното ставање на економиите во Западен Балкан на зелена патека ќе значи дека сите граѓани можат економски да просперираат додека дишат чист воздух и пијат чиста вода што претставува тројна добивка со која се подобрува начинот на живот и здравјето и се создава одржлив раст кон почиста и поздрава иднина.